Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата целосно ја почитува политиката на воена неутралност на Србија.
Столтенберг во интервју за подгоричка Побједа вели дека Србија како суверена нација има право да го избере својот пат и дека НАТО е посветен на градење силно партнерство со неа.
На прашањето како ја гледа реториката на српскиот претседател Александар Вучиќ, Столтенберг одговорил дека води редовен дијалог со претседателот Вучиќ и со другите лидери во регионот.
„Се соочуваме со заеднички безбедносни предизвици, а партнерството со НАТО може да донесе вистинска корист за Србија и нејзините граѓани, но и за поширокиот регион“, додал Столтенберг.
На прашањето што гледа како поголем безбедносен предизвик за регионот – ситуацијата во БиХ или статус кво на Косово и недостатокот на напредок во дијалогот Белград-Приштина, Столтенберг рекол дека НАТО ќе продолжи да ја промовира стабилноста, безбедноста и ко-операција во регионот, мисиите на КФОР на Косово и под покровителство на ОН и канцелариите на Алијансата во Сараево и Белград.
Тој истакнал дека соработката со Европската Uнија останува суштинска за соработката со НАТО и дека Алијансата ќе продолжи да работи со Унијата за зачувување на стабилноста и поддршка на реформите.
Кога станува збор за БиХ, Столтенберг оценил дека нејзините уникатни структури се важни за стабилноста на земјата, особено на вооружените сили.
На прашањето дали НАТО има механизми за спречување дополнителни тензии, освен преку мисијата КФОР и преку соработка со вооружените сили на БиХ, Столтенберг кажал дека НАТО е единствениот трансатлантски форум за консултации и одлуки за сите прашања што ја засегаат нашата заедничка безбедност, пишуваат медиумите во регионот.
„Управувањето со кризи е и ќе биде една од нашите основни задачи. Безбедноста и стабилноста на Западен Балкан се важни за НАТО“, нагласил Столтенберг.
Тој изјавил дека Алијансата иднината на регионот ја гледа во евроатлантска соработка и интеграција на оние кои тоа го сакаат и дека е решена да им помогне на земјите од регионот да ги спроведат реформите за доброто на своите граѓани.
Додал дека ова не е лесен пат и дека бара вистинска посветеност и вистински напредок во реформите и помирувањето, но дека тоа е можно, што, според него, го покажале Црна Гора и Северна Македонија.
Тој ги повикал сите лидери во регионот да покажат посветеност на реформите и помирувањето, додавајќи дека тоа е клучно за консолидирање на стабилноста во регионот.