Бројот на новозаболени во првите три дена од годинава во постојан пад

Бројот на новозаболени од Ковид-19 од почетокот на годината е во постојан пад и во првите три дена од годинава регистрирани се вкупно 923 нови случаи, додека оздравени се 1.328 и починати 15 лица, со што бројот на активни случаи постојано се намалува и изнесува 4.817 лица.

Според податоците од Институтот за јавно здравје на 1 јануари годинава регистрирани се 435 новозаболени и 534 оздравени, на 2 јануари 246 нови и 547 оздравени и на 3 јануари 242 нови и 247 оздравени.

Околу 20 проценти од активните случаи на Ковид-19 се регистрирани во последните три дена.

По градови, најголем број или повеќе од половина од нозаболените во изминатите три дена се во Скопје – 532, потоа следи Битола со 58, Прилеп со 47 и Охрид со 40 новозаболени од Ковид-19.

Над половина од активните случаи или 52 проценти се во главниот град Скопје – 2.548, потоа следат Битола – 349, Прилеп – 321, Охрид – 247, Кавадарци – 190 и Струмица со 146 активни случаи или речиси 80 отсто од сите активни случаи се во овие шест градови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.611.793 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 225.972, бројот на оздравени пациенти е 213.174, на починати е 7.981. Активни случаи се 4.817.

САД одобрија вакцина за деца од 12 години, Индија на деца од 15 години, а Израел четврта доза

Во меѓувреме американската Администрација за храна и лекови (ФДА) го прошири овластувањето за итна употреба на засилувачка доза на вакцината на Фајзер/Бионтек против Ковид-19 за да вклучи деца на возраст од 12 и повеќе години, додека Израел одобри четврта доза вакцина за постари од 60 години и медицински персонал.

Индија од вчера почна со вакцинирање деца на возраст од 15 до 18 години во обид да ја заштити најголемата адолесцентна популација во светот, стравувајќи дека многу заразната варијанта Омикрон може да предизвика експлозија на инфекции со Ковид-19. Приватните и државните училишта ќе го удвојат бројот на центри за вакцинација за деца, а училишните власти мора да им дадат податоци за вакцинација на властите.

Во меѓувреме, Австралија потврди рекорден број на дневни инфекции со коронавирус, но и покрај тоа властите најавија дека ќе продолжи да ја отвора својата економија. На национално ниво, бројот на новозаразени е 37.150 во изминатите 24 часа, што е најголем број од почетокот на пандемијата.

Повеќе од 4.000 летови беа откажани ширум светот во текот на вчерашниот ден, повеќе од половина од американските компании, делумно поради лошите временски услови, но најмногу поради зголемувањето на инфекциите со сојот Омикрон на коронавирусот. Според FlightAware.com, вчера биле откажани 2.400 полетувања кон и од САД. Во светот, повеќе од 11.200 летови доцнеа или беа одложени. Меѓу компаниите со најмногу откажувања се SkyWest и SouthWest, со 510 и 419 откажувања.

Треба да знаете
Последни објави