Градоначалникот на Штип од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Иван Јорданов, денеска направил преседан во штипската клиничка болница, затоа што го „прескокнал” целото раководство на болницата – и директорот, и главната сестра и дежурниот доктор кои преку претставници на кабинетот му препорачале да не доаѓа во визита на првороденото бебе само неколку часа по породувањето, туку тоа да го стори утре.
Сепак, Јорданов се појавил пред вратите на болницата во 1 часот и 30 минути, иако во 1 часот и 5 минути директорот на болницата доктор Ален Георгијев на неговата секретарка телефонски ѝ кажал дека протоколот и препораките од медицинските лица се во посета да се дојде подоцна, или во текот на утрешниот ден, затоа што бебето е родено само пред неколку часови.
-Се гледаше дека свесно сакаат да направат инцидент. Ова е преседан – да го прескокнат и директорот и началникот и дежурниот лекар, и да дојдат на визита, иако телефонски на претставничка на неговиот кабинет и кажав да дојдат утре или подоцна вечерва, но не веднаш по породувањето. Ги оставиле подароците и си заминале, вели директорот на штипската болница доктор Ален Георгијев за „Слободен печат“.