Челси парично го казни Ромалу Лукаку за интервјуто за „Скај спорт Италија“. Во исто време клубот соопшти дека менаџерот, Томас Тухел имал „продуктивен“ разговор со напаѓачот по што решил да го врати во тимот.
Интервјуто во кое Лукаку откри дека не е среќен во Челси и дека му е жал што го напуштил Интер, крена голема прашина на „Стенфорд Бриџ“.
Менаџерот Тухел, веднаш го суспендираше Белгиецот, поради што тој не играше во дербито против Ливерпул (2:2). Тухел, вчера, имал состанок со Лукаку, разговорот го нарекол „продуктивен“, по што реши да го врати во тимот.
Лукаку ќе биде во конкуренција за утрешниот полу-финален натпревар во Лига купот, против Тотенхем.
Од друга страна Челси го казни Лукаку со 500.000 евра, бидејќи без знаење на клубот си организирал интервју. На овој начин, Челси сака да им покаже на сите во клубот, дека вакви испади нема да бидат толерирани.