МОН: Исплатени средства за субвенциониран студентски оброк

Министерството за образование и наука информира дека денеска е извршена исплата на  79,14 милиони денари за субвенциониран студентски оброк на 28 011 корисници на ова право.

Како што соопшти МОН, 26 377  од нив се тековни корисници и тие ги добија средствата за декември. На 380 студенти чии апликации пристигнаа при првиот повик, но беа предмет на дополнителна проверка со други институции и установи, исплатени им се средства за три месеци, односно за октомври, ноември и декември.

На 1254 студенти, пак, кои го остварија ова право преку третиот повик, исплатени им се средства за месеците ноември и декември. Во тек е разгледување на апликациите од последниот повик од минатиот месец.

МОН потсетува и дека во периодот од 20-ти до 30-ти, односно 31-ви во секој месец ќе биде отворена можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите оние студенти кои претходно не ги исполнувале условите или од  какви било причини не аплицирале.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, со прикачување на само два документа – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

– Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци, наведува Министерство за образование и наука.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Република Северна Македонија и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.

Треба да знаете
Последни објави