Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, денеска до Уставниот суд достави иницијатива, со која бара укинување на одредби од Изборниот законик со кои им се овозможува системска /монополска положба на четири партии (СДСМ, ВМРО -ДПМНЕ, ДУИ И АЛИЈАНСА НА АЛБАНЦИТЕ), при изборните процеси.
Во законот 90 % од медиумскиот простор за финансирање припаѓа на овие партии, како и финасиските средства за изборната кампања и рекламниот простор за билборди, паноа и сл.
Само како пример, од девет минути дополнително време за медиумско претставување, осум припаѓаат на четирите партии, а само една минута за сите други партии и независни листи.
Со овие одредби четирите партии си обезбедуват огромна предност за преставување на своите програми и кандидати за пратеници, градоначалници, советници или претседател на државата.
Со овие одредби се крши Уставното начело за еднаквост на партиите при настап на изборите.
Во член 75 став 2 од Изборниот закон меѓу друго стои: „Учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето.
Но, со истиот закон се руши ваквиот став и се предвидуваат фаворизирачки решенија за четирите партии, две од позиција, две од опозиција кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови.
Ваквата системска предност спречува другите партии да ги претстават пред граѓаните своите програми и да можат граѓаните да донесат одлука за кого ќе гласаат.
Очекуваме Уставниот суд, оспорените одредби да ги укине, со што сите партии и независни листи и кандидати ќе имаат еднакви шанси за победа на изборите.