Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев денеска изјави дека ја презел функцијата претседател на Советот за безбедност од поранешниот лидер Нурсултан Назарбаев и вети дека ќе одговори „што е можно пожестоко” на насилните протести.
Во телевизиско обраќање, Токаев рече дека веднаш го презема водството во Советот за безбедност, улога во која Назарбаев продолжи да има значително влијание по неговата неочекувана оставка од претседателската функција во 2019 година.
Претседателот на Казахстан вети дека ќе остане во главниот град без разлика на се, бидејќи според Уставот негова должност е да биде заедно со народот.
„Без разлика на се, ќе останам во главниот град. Моја должност според Уставот е да бидам заедно со народот. Ќе го надминеме овој мрачен период во историјата на Казахстан. Ќе излеземе од тоа силни”, изјави Токаев.
Тој рече дека зад протестите во земјава стојат „финансиски мотивирани заговорници” и дека тие се многу организирани.