Електронскиот гигант „Сони” го претстави новиот прототип на својот електричен автомобил „Вижн С” и го најави создавањето компанија која ќе ги истражува можностите за влез во овој брзорастечки пазар.
Јапонската компанија, попозната по своите телевизори и конзоли за видеоигри, ќе ја основа својата подружница „Сони мобилити” пролетта 2022 година. Извршниот директор Кеничиро Јошида го претстави концептот на саемот за технологија ЦЕС во Лас Вегас.
Преку овој нов огранок, електронскиот гигант „има намера да ја истражи можноста за влез на пазарот на електрични возила”, се вели во соопштението.
„Вижн С”, според наводите, ќе биде опремен и со технологија за самоуправување. Компанијата работи и на системи за забава во новиот автомобил.
Секторот за електрични возила е сè уште мал – сочинува околу три отсто од тековната продажба во САД, но привлекува сè поголем интерес и сè повеќе инвестиции. „Џенерал моторс” неодамна објави дека планира да вложи над 35 милијарди долари во електрични и самоуправувачки возила до 2025 година.