Норвешкиот центарфор и член на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд е постојана тема на шпекулации за трансферот, кој најверојатно ќе се случи веќе на лето, а француски „Л’Екип“ донесе нова ексклузива.
Тие тврдат дека Барселона и Реал немаат никакви шанси во трката за Халанд бидејќи Пари Сен Жермен може да му понуди убедливо најдобри услови. Парискиот клуб е еден од најбогатите во светот и е подготвен да вложи дури 300 милиони евра за доведување на 21-годишниот Норвежанец!
Весникот тврди дека челниците на Париз веќе усвоиле конкретен план во кој се познати сите финансиски детали од зделката. Така, ПСЖ најпрво би ја исплатил на Борусија Дортмунд сегашната отштетна клаузула од 75 милиони евра, а германскиот клуб во иднина би можел да смета на одредени бонуси кои би оделе и до 20 милиони евра.
20 милиони евра би добил и главниот агент на играчот Мина Раиоли, како и таткото на Ерлинг, Алфи Инге Халанд, кој е и еден од застапниците на неговиот син. Ерлинг Халанд би заработувал 30 милиони евра годишно на Принс Парк, што би изнесувало 180 милиони за планиран шестгодишен договор.
Шпанскиот Депортес Куатро, пак, завчера ексклузивно објави дека Халнд ќе игра за Барселона откако Лапорта и Раиола овој договор веќе го постигнале на нивната неодамнешна тајна средба во Торино.
Депортес Куатро тврди дека засега тоа е само устен договор меѓу претседателот и најсилниот агент на светот, но работата е многу јасна. Доколку Барселона собере 100 или повеќе милиони евра, што вклучува обештетување за Борусија, провизија на агентот и плата на играчот, Норвежанецот сигурно кариерата ќе ја продолжи на Ноу Камп!