ФК Брегалница од Штип пред стартот на зимските подготовки за пролетниот дел од шампионатот постигна договор за спогодбена разделба со досегашниот шеф на стручниот штаб, Марјан Секуловски.
Разделбата е на барање на Секуловски, поради лични причини, и покрај искрената желба од двете страни за продолжување на досегашната повеќе од успешна соработка.
Како што објавуваат штипјани Секуловски на чело на екипата, како исклучително докажан фудбалски стратег, беше изборен пласман во Првата македонска фудбалска лига, а изминатава полусезона со освојувањето на четвртото место по есенскиот дел од ПМФЛ беше запишан најдобриот резултат во историјата на клубот.
Веднаш беше промовиран нов шеф на стручниот штаб на клубот, еден од најтрофејните македонски фудбалски стратези и поранешен претседател на Фудбалската Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.
Ѓорѓиоски во својата тренерска кариера има три шампионски титули во македонското првенство, со Македонија ЃП и со Вардар, а успешно ја предводеше и ФФМ, информираат од ФК Брегалница.
– Без сомнение, Брегалница добива шампионски шмек со ангажманот на Ѓорѓиоски. Трофеите во македонскиот фудбал, но и фактот дека ја препороди Фудбалската Федерација на Македонија во нејзините најтешки години, доволно зборува за тоа какво име доаѓа на чело на тимот на Брегалница – вели спортскиот директор на „сините“, Никола Тонев.