Чешка испрати протестна нота до Австралија барајќи од властите во земјата да објаснат зошто ја депортираат тенисерката Рената Ворачова, која од декември е во Австралија со ист исклучок како Новак Ѓоковиќ и веќе одигра еден подготвителен натпревар во таа земја пред „Австралија опен“.
По избивањето на аферата за визата на Новак Ѓоковиќ, Ворачова во четвртокот беше приведена од австралиските власти со барање да ја напушти земјата и е затворена во хотел во кој се наоѓаат имигранти,меѓу кои и Србинот, кои чекаат за влез во Австралија или депортација.
-Можеме да потврдиме дека чешката тенисерка Рената Ворачова е во истиот хотел со Ѓоковиќ заедно со уште неколку тенисери во Мелбурн. Според нашите информации, таа докажала дека не е заразна на начин што и дава право да учествува на турнирот ‘Австралија опен’. Затоа испративме протестна нота преку амбасадата во Канбера и бараме објаснување, ијавија од чешкото МНР.
За разлика од Ѓоковиќ, Ворачова реши да се откаже од турнирот и да ја напушти Австралија поради ограничените можности за тренирање, а чешкиот конзулат и помага да ги заврши формалностите за да ја напушти Австралија, соопшти чешкото МНР.
Како што пишуваат чешките медиуми, Ворачова неодамна прележала ковид-19 и има доволно антитела, па ја послушала препораката на лекарот да чека вакцинација неколку месеци, а благодарение на тоа имала целосно право да учествува на престижниот тениски турнир како невакцинирана.
-Се наоѓам во една соба и не можам да одам никаде. Прозорецот ми е затворен, не се отвара ниту 5 сантиметри. Има стражари насекаде, дури и под мојот прозорец, што е навистина смешно. Можеби си мислеа дека ќе скокнам и ќе избегам. Ми носат храна и има стражар во ходникот и мораш да му кажуваш се. Се чувствувам како во затвор, вели Ворачова во интервју за чешки „Днес“.
За разлика од Ѓоковиќ, кој се жали на одлуката, Ворачова сака да си оди дома.
-Како да бев во акциски филм кога ме приведоа и воопшто не беше пријатно. Сега би требала да барам нова виза и да чекам една недела, затворена во хотел без тренинг. Чекам дозвола да си одам. Не сфаќам зошто дојдоа една недела подоцна и кажаа правилата веќе не важат. Од една страна ова што ми се случи е и поради Новак. Мислам дека не сум единствена, медицинско изземање е дадено на уште неколку луѓе. Но, во исто време сакам да го пуштат да игра. Ние сме спортисти, дојдовме во Австралија поради тенисот и не се занимаваме со спорови. Ги прочитавме правилата, ги исполнивме условите и по втората контрола од комисијата добивме медицинско изземање за вакцинација. Не гледам причинада седиме затворени во хотел. Се надевам дека Ѓоковиќ в понеделник ќе победи на суд. Но, во мојот случај сè се оддолжи за неколку дена. Не сакам да губам време поради политичката војна која се води тука. Мислам дека федералните власти поради Ѓоковиќ најдоа дупка во законите на сојузната држава Викторија. Сега неговите адвокати можат да најдат дупка во федералните закони, додава Ворачова, која во кариерата има 11 ВТА титули во двојки.