Британскиот комичар Рики Џервејс се понуди да биде домаќин на „Оскарите“ без никаков хонорар – но само ако може да каже што сака.
Креаторот на After Life призна дека не мисли дека некогаш од него би било побарано да ја води наградната церемонија бидејќи неговата комика е премногу контроверзна, но тој би ја искористил шансата ако му понудат таква можност и му ја дадат истата слобода како на „Златните глобуси“ во пет наврати.
Во разговор со „Д’ Вју“, тој рече: „Можеби ќе ми дозволат ако го правам она што ми е кажано. Но, тука е проблемот.“
„Добрата работа за ‘Глобусите’ беше што рекоа дека можам да пишувам свои шеги, да кажувам што сакам, а не да вежбам. А тоа е премногу добро за комичар да го одбие,“ рече Џервејс, додавајќи дека „Оскарите“ никогаш нема да му ја дозволат таа слобода. „ И со право! Мислам дека би биле луди!“