Марин Чилиќ ја комплетираше листата на тенисери кои се пласираа во осмина-финалето на Австралија опен. Хрватот, во третата рунда, го победи петтиот фаворит на турнирот Андреј Рубљов.
Гренд-слем шампионот од Ју-ес опен од 2014 година, со сигурна игра, успеа да слави во четири сета 7/5, 7/6, 3/6, 6/3. Мечот траеше два часа и 38 минути.
Чилиќ, 27. на АТП листата, повеќе ризикуваше, на крајот таквата игра му ја донесе победата. Хрватот, имаше 55 винери, 17 повеќе од Рубљов, а направи и 10 неизнудени грешки повеќе од противникот (41/31).
Финалистот во Мелбурн од 2018 година, во осмина-финалето ќе игра против младиот Канаѓанец Феликс Оже-Алијасим.
И Данил Медведев и Стефанос Циципас се пласираа во осмина-финалето на Австралија опен. Пласман во оваа фаза, прв пат во кариерата, избори и Тејлор Фриц. Американецот во драматичен меч го победи Роберто Баутиста Агут.
Медведев не блескаше, одигра колку што му е потребно за да го победи Холанѓанецот, Ботик ван де Зандшулп. Рускиот тенисер победи со 6/4, 6/4, 6/2. Победникот го реши искуството и неизнудените грешки. Холанѓанецот направи 32, односно 12 повеќе од Медведев.
За пласман во четврт-финалето, Медведев ќе игра против Максим Керси од САД. Керси во четири сета го совлада сонародниот Кристоф О’Конел (6/2, 6/7, 6/3, 6/2).
Четвртиот носител, Стефанос Циципас, одигра четири сета против Беноа Пер. Гркот за два часа и 42 минути славеше победа 6/3, 7/5, 6/7, 6/4.
Противник во осмина-финалето ќе му биде Тејлор Фриц. Американецот, во 22 обид успеа да го мине третото коло на еден од гренд-слем турнирите. Во драматичен меч, Фриц го победи фаворизираниот Шпанец, Баутиста-Агут со 3:2 (6/0, 3/6, 3/6, 6/4, 6/3).