Синот на Аки Рахимовски, кој почина денеска, Кристијан Рахимовски последниве денови имал претчувство дека здравјето на татко му се влошува. Менаџерот Дамир Осредечки и тој дознале за смртта на Аки нешто после 13 часот, пренесоа од „ЈутарњиЛист“.
Менаџерот пренесе до јавноста дека синот мошне тешко ја примил веста.
-Кристијан многу лошо се чувствува и не е во состојба да разговара. Секој ден се слушаа со Аки и пред неколку дена ми рече дека му е страв за татко му, затоа што гледаше дека не му е добро. Сè уште не знаеме што точно се случило, не ни кажаа, но претпоставуваме дека тоа е срцето. Тој деновиве се чувствува прилично лошо. Имаше проблеми и со кичмата, поради што „Парни Ваљак“ ги одложи концертите. Покрај тоа, тој ја прележа и короната, а во срцето му беа вградени шест стентови. Сето ова си го направи своето, за жал – вели Дамир.
Како што дознава Вечерњи.хр Кристијан и Аки се слушнале и претходната вечер, како и секој ден, не сфаќајќи дека тоа е последен пат. Таа вечер, Аки му повторил на својот син да се грижи за себе и за своите најблиски поради пандемијата.
-Гледаш дека короната лудува, само внимавај на здравјето, немој да пушиш, внимавајте на себе и всвоите, му рекол на Кристијан Аки ноќта пред да почине.
Се уште не е познато кога ќе биде погребот и каде ќе биде погребан омилениот пејач од сите генерации.
Ракимовски беше еден од основачите на групата Парни Ваљак и беше вокал на 18 студиски албуми на групата. Засекогаш ќе остане запаметен по песните „Јесен у мени“, „Све још мирише на њу“, „Доџи“, „Моја је пјесма лагана“, „Ухвати Ритам“…
Рахимовски почина во Ново Место, Словенија, откако му се слошило денеска наутро. Аки последниве години живееше во Словенија, а пред две години стана татко на девојче кое го доби со Словенката Барбара Весел.
Рахимовски е роден во Ниш во 1955 година. Како тинејџер членувал во повеќе ансамбли, а во 1975 година заедно со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ – Хус, Јурица Паѓен и во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха го основале „Парни ваљак“.
Аки имаше два брака. Во првиот го доби синот Кристијан-Кики, исто така пејач, а во вториот ќерката Дина. Врската со неговата втора сопруга Ингрид траела цели четири децении.
Иако е роден во Ниш, набрзо со семејството се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, на седумгодишна возраст започнал музичко училиште, клавир и отсек за пеење. Како тинејџер бил член на неколку бендови, од кои некои биле Група Вакуум, Крвна браќа и Група Тор, со кои настапувал на Загребскиот фестивал во 1975 година.