Наполи го прескокна Милан после денешната победа во пресрет на вечерашното дерби на „росонерите“ против Јувентус, а наполитанците за помалку од еден час ја завршија работата против најслабиот тим во Калчото.
Во првиот дел блескаше Елмас, кој во 17-та со асистенција со рамо му овозможи на Жуан Жесус да даде гол за водство, а потоа имаше свое вистинско шоу откако цела одбрана на Салернитана ја издрибла за да изнуди пенал, откако противниците не можеа да го задржат, па Дрес Мертенс во судиското надополнување во првиот дел погоди за второ водство со 2-1, откако Бонацоли во 33-та даде гол за израмнување.
Елмас со асистенцијата дојде до скор од шест гола и пет асистенции досега за Наполи во сите натпреварувања, а со триумфот наполитанците останаа во трката за скудетото, иако имаат меч повеќе од лидерот Интер.
И само што почна вториот дел, набрзина Наполи додаде уште два гола, прво Амир Рахмани по асистенција на Мертенс во 47-та, а потоа Лоренцо Инсиње од пенал во 51-та за да се реши прашањето за победникот.
Специја со голот на Верде во 69-та минута ја победи Сампдорија во една од битките за опстанокот, по што Специја сега влезе во мирни води со осум бода над опасната зона. Торино и Сасуоло ремизираа 1-1 во меч на кој Санабрија им донесе водство на „биковите“ по 16 минути игра, а Распадори го спаси Сасуоло од пораз на две минути пред крајот, па двата тима останаа еден до друг на табелата. Торино е 10-ти со 32 бода, а Сасуоло на 11-то место со 29 бода.