Гарабет Тавитјан, најдобриот македонски тапанар за „Јутарњи“ зборува за починатиот пејач на „Парни Ваљак“ Аки Рахимовски, со кого се пријатели уште од раното детство, а првите сериозни музички чекори ги направија заедно свирејќи во бендот „Тор“.
– Се запознавме во 1968 година. Го формиравме тој рок бенд, свиревме различна музика, странска, домашна … Аки пееше и свиреше на клавијатури. И тогаш беше исклучително препознатлив, свиреше одлично, имаше извонреден глас, ги правеше неговите песни… Свиревме заедно по домови, игранки… Тоа беше во 70-тите, на самиот почеток на таа деценија, додека не ја напуштив групата, открива Тавитјан.
Често свиреле, вели, во еден од најдобрите македонски локали, и на сите игранки во Скопје.
– Аки тогаш не беше познато име, но беше познат како исклучителен талент. Тој беше природно надарен за музика, можеше да импровизира, правеше фантастични варијации на темата, вели неговиот колега и пријател со кој бил во контакт до последниот ден.
Тие двајца се обиделе да се запишат и на Музичката академија.
– Интересно е што и двајцата не одбија со образложение дека немаме слух. Се шокиравме кога видовме дека не сме на списокот, се смее Тавитјан.
Аки, вели, детството го поминал во центарот на Скопје, а мајка му и денес живее во центарот на македонската метропола. Неговата мајка е Србинка, па Аки е роден во Ниш, но брзо решиле да живеат во Македонија.
Во времето кога свиреле заедно, учеле од рокери како Хендрикс и Клептон.
Нивното пријателство започнало на раскрсницата меѓу основното и средното училиште, а Гаро беше две години постар од Аки.
– Татко му беше професор по музика, а одлично свиреше на виолина. Сестрата на Аки, која живее во Америка, пее одлично. Тие беа исклучително семејство во таа смисла. Секогаш сакаше да се занимава само со музика, иако беше свесен дека тоа е трнлив и тежок пат, открива тој.
Аки, колку што се сеќава Гаро, одел во средно техничко училиште.
– И воопшто беше социјален тип и воедно одличен фудбалер и спортист. Сите ние од таа генерација се занимававме со некој спорт, моите беа ватерполо и пливање. Но на крајот целосно се определивме за музика, се сеќава тој.
Свиреле и од забава.
-Имавме интересни акции на Камениот мост во центарот на Скопје. Таму ќе земавме гитари, свиревме, пеевме, ги собиравме луѓето. Беше фантастична атмосфера, и секој ќе покажеше што знае на музички план,вели тој.
Во времето кога свиреа заедно во Македонија, вели Гаро, го достигнаа максимумот од својот потенцијал. Дури и Влатко Стефановски ги слушал, се чудел колку се добри. Следниот чекор беше да се оди на ниво на цела Југославија.
– Тоа беше голем престиж. И го забележаа Аки, им се допадна, беше специфичен. Така почна да пее во загрепски бендови. Бевме исклучително горди и воодушевени што наш пејач се развива на овој начин, вели Тавитјан.
Аки малку се плашел да оди во Загреб. Музиката не е најсигурна работа, а поради неа заминал во друга земја.
– Постојано ми велеше дека не може да се навикне, но всушност брзо се адаптираше на новата средина. Кога зборуваме за јазикот, тој имаше сензибилитет, пееше и на англиски, па хрватскиот не му беше проблем. Посебно што мајка му е Србинка, па речиси му беше мајчин јазик – вели Гаро.
Можеби помалку познато е дека Аки сакал да оди уште подалеку, во Америка.
-Цел живот сонуваше да успее и таму. Queen му беа неговиот најголем пример. И тој беше во САД, разговараше со луѓето таму , објаснува Гаро.
Аки многу ја сакаше сестра си, беа поврзани.
– Беше поврзан и со мајка си на посебен начин, дури и посесивно. Рано го загуби татко му, не збореше премногу за тоа. Но сигурно Аки беше семеен човек. Секогаш кога ќе дојдеше во Скопје ги собираше сите и подалечните роднини. И сите ќе ги почестеше со јадење и пиење. Аки сакаше ќебапи од “Дестан“. Можеби босанските ќебапи се подобри, но ова е одличен турски специјалитет што Аки го обожаваше, вели тој.
Тавитјан има и интересна идејаво однос на планираната турнеја на „Парни Ваљак“.
– И неговиот син пее. Според мене, би било убаво да се одржи турнејата без разлика на се. А, да речеме, половина од репертоарот да го изведува синот на Аки, а другата половина гости, кои би биле врвни пејачи и кои би ги обработиле неговите песни. Мислам дека тоа би бил потег кој би ги воодушевил сите. Се разбира, никој не може да го замени Аки, но неговиот син е доказ дека јаболкото не паѓа далеку од дрвото, верува тој.
Сите овие години тие двајца се дружеа, па дури и создаваа заедно. Направија компилација „Македонско срце“, на која македонска музика пееја великани како Јосип Лисац, Масимо, Тереза Кесовија, Жељко Бебек, Хари Мата Хари, Дадо Топиќ…
– Се собравме 70 илјади луѓе на стадионот во Скопје.Тоа беше одлична работа, големо признание за македонската музика, што се чини дека се препознава по ова издание. За песната „Вчера сакав да ти дојдам“ двајцата снимија и спот во Тиквеш, најпознатата македонска винарија.
– Таму ни дадоа екстремно големи шишиња вино. Се сеќавам дека се смеевме како Аки ќе го однесе своето преку граница – се сеќава Гаро.
Додека биле деца, Аки и Гаро свиреле во гаражата на членот на нивниот бенд, Аце.
– Просторијата беше 5 на 10 метри. Ќе свиревме од 10 до 17 часот. А подоцна, со текот на годините, секогаш одевме во моето студио, правевме џем сесии и аранжмани со моите синови. Она што ме фасцинираше кај него музички е тоа што ќе се снајдеше каде и да го ставиш. Можеше само така да импровизира. Ако имаше добра атмосфера, таа ќе го понесеше, ќе звучеше како да подготвувал нешто со месеци, а всушност сè му текнуваше за миг, вели Гаро, кој лично на Аки му додели награда за животно дело.
Според него, Македонија е плодна почва за уметност, но сепак нивните музичари најчесто одат на работа во странство.
-Кога зборуваме за Аки и неговото значење, штетата е голема, изгубивме голем и оригинален пејач. Како личност, тој беше друштвен и скромен. Јас лично не можам да му најдам мана. Го сакаше своето семејство. Она што ме прави среќен е тоа што мислам дека тој беше среќен и задоволен. Сите имаме проблеми, имаше и тој, но добро беше. Со него секогаш би се вратил во детството, заклучува Гаро Тавитјан.