После светскиот првак Данска, без финале на ракометното Европско првенство остана и актуелниот олимписки шампион Франција. Наместо во очекуваното финале, Данците ќе играат против Французите само за бронза.
Шпанија беше аутсајдер на хартија, но на терен ја надигра Данска, а вечерва истото го стори и Шведска која однапред беше отпишувана од многумина против Франција. Швеѓаните првото полувреме го добија со 17-14, и тоа им ја зголеми самодовербата, а внесе нервоза кај Карабатиќ и другарите.
Конечниот резултат беше 34-33 за Викинзите. Готфридсон со 9 гола и Пелас со 7 беа најефикасни во шведскиот тим, а голманот Паличка имаше 12 одбрани од кои едната во последните секунди, и даде дури три гола.
И пред четири години во Загреб, во големото финале на ЕП играа Шпанија и Шведска, тогаш се радуваше Црвената фурија, а во 1998 година на првенството во Италија, Швеѓаните беа подобри од Шпанците во финалниот меч. Шведска 20 години ја чека својата петта титула, а Шпанија оди по трети трофеј едноподруго.