Поранешната актерка во порноиндустријата Сторми Даниелс им кажа на поротниците на судењето на нејзиниот поранешен адвокат Мајкл Авенати, обвинет за измама, дека тој „крадел од неа и ја лажел пренасочувајќи ги приходите од книгата што таа ја напишала“.
Сведочејќи како сведок на обвинителството, Даниелс рече во федералниот суд на Менхетен дека Авенати, кого го ангажирала да ѝ помогне да го избегне договорот за необјавување со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, ѝ рекол дека „никогаш нема да земе ниту пени“ од мемоарите од 2018 година, насловени Full Disclosure („Целосно разоткривање“).
Но, обвинителите тврдат дека Авенати проневерил приближно 300.000 долари од приходите наменети за Даниелс, делумно со фалсификување на нејзиниот потпис на упатствата до издавачот за тоа каде да ги префрли парите. Даниелс (42) рече дека Авенати никогаш не ѝ кажал за сметката.
„Се чувствував изневерено и глупаво“, изјави Сторм. „Мајкл ме лажеше и крадеше.“
Авенати (50) се изјасни за невин за измама и кражба на идентитет. Тој спорот го прикажа како несогласување околу адвокатските трошоци на кое не му е место во кривичен суд.
Во книгата, порноактерката раскажува детали од нејзината врска со претседателот Доналд Трамп пред повеќе од една деценија. Сторми тврди дека имала афера со Трамп во 2006 и дека пред почетокот на претседателската кампања во 2016 неговиот адвокат Мајкл Коен ѝ исплатил 130.000 долари за да молчи.