Денеска во фоајето на Националната опера и балет се одржи комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов, кој почина на 25.01.2022г. на 85 годишна возраст. Маестро Џамбазов беше погребан во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел во присуство на потесното семејство. Во негова чест Град Скопје ќе предложи улица да го носи неговото име.
Фото: Слободан Ѓуриќ
Наместо минута молчење, легендарната „Рапсодија за Скопје“ и аплауз. Вака започна комеморацијата посветена на Александар Џамбазов.
– Човек што цел живот беше во сенка на други, а всушност е најголемиот генијалец во нашето семејство. Прво викаше што сум јас цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор. а што сум јас ? Е сега ќе ти кажам ти си маестро, маестро мој !, кажа неговиот син актерот Игор Џамбазов.
Александар Џамбазов е истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика. Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија. Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славајче“.
Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија. Добитник е на голем број стучни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои 11 октомвриската награда, наградата „13 ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.