Рафаел Надал по пет часа и 24 минути игра успеа да слави над Данил Медведев во финалето на Грен Слем турнирот Австралијан Опен и така стана играчот со најмногу титули на големите турнири.
Пет сета траеше натпреварот, а победата на Рафа дополнително добива на тежина затоа што 35-годишникот се врати од негатива од два сета и дојде до огромен успех. По мечот во Мелбурн, Надал призна дека не знае како дошол до победата.
„Не знам како успеав да победам, навистина. Уништен сум и уморен, но истовремено и многу среќен. Не можам да објаснам што и како беше на терен. Не можам да поверувам дека издржав ваков натпревар по се што минав во изминатиот период. Не тренирав многу, ама ја задржав вербата, ова ми е еден од најемотивните натпревари во кариерата.
Бев во тешка позиција, на овој терен губев во 2012, 2014 и 2017. Тогаш не успеав и затоа знам како Данил се чувствува сега. Жал ми е за него, одигравме еден жесток меч. Бев уморен по првите два сета. Против Данил е тешко да се игра затоа што ја менува динамиката на мечот многу често и е паметен, секогаш враќа топка повеќе. Што си реков себеси за време на мечот? Верував. Си реков – „во ред, си загубил многу пати тука, но сега оди до крајот, можеби ќе биде невозможно“. Немаше да си простам ако не се борев до крајот“, изјави Надал.
Шпанскиот ас во изминатиот период претрпе операции и повреди, а ова е прв негов голем успех по кам-бекот на терените. Сега, тој е рекордер по бројот на Грен Слем титули затоа што ги има вкупно 21 зад своето име и е еден чекор пред ривалите од „големата тројка“ – Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер.