Египет е третата репрезентација која обезбеди место во полуфиналето на Африканскиот куп на нации, откако по многу борба и 120 минути игра, со 2:1 славеше над Мароко.
Првата ѕевзда не само во селекцијата на Египет, туку воопшто на турнирот, Мохамед Салах блесна во вистински момент и е најзаслужен што Фараоните се меѓу четирите најдобри селекции
Мароко прв поведе и тоа со гол од пенал преку Софијан Буфал уште во седмата минута, а ова минимално водство го задржаа до крајот на првото полувреме. На почетокот на вториот дел, Египет израмни и тоа преку Салах во 53 минута, за 1:1. До крајот на регуларните 90 минути немаше погодоци, па мораа да се играат продолженија.
Во 100 минута повторно блесок на Салах. Ѕвездата на Ливерпул направи одличен продор по страничкиот дел, перфектно уфрли во петерецот, а таму беше Трезеге, кој без проблем ја погоди празната мрежа за водство и победа на Египет од 2:1.
Фараоните во борба за финалето ќе играат против домаќинот Камерун.
Во второто полуфинале ќе се сретнат Буркина Фасо и Сенегал, кој вечерва славеше со 3:1 над Екваторијална Гвинеја. Сенегал со гол во 36 минута поведе со 1:0. На почетокот на вториот дел, Екваторијална Гвинеја тргна да израмни. Најпрво судијата досуди пенал за нив во 50 минута, но по консултација со ВАР системот, пеналот беше поништен. Сепак, во 57 минута, Екваторијална Гвинеја израмни на 1:1 со голот на Бујла. Сепак, едвај 10 минути беше нерешено, затоа што Сенегал повторно погоди за 2:1 преку Кујате, а потоа Сар со голот во 79 минута само потврди дека Сенегал ќе игра во полуфиналето. Иако првата ѕвезда на Сенегал, Садио Мане не беше директно инволвиран во постигнување на погодоците, сепак, тој беше еден од клучните играчи на теренот.