Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија во Белград го уапсија О.Ж. (1984) по потерница од Северна Македонија за издржување затворска казна за убиство извршено во С. Македонија, соопшти денеска српското МВР.
-Постапката против О.Ж., на барање на Министерството за правда на Северна Македонија, а согласно Законот за меѓународна правна помош во кривична материја, е префрлена на српските правосудни органи.О.Ж. е уапсен по барање на Министерството за правда на Северна Македонија, а ќе биде изведен пред Вишиот суд во Белград според потерницата распишана од Северна Македонија за издржување затворска казна за кривично дело убиство, рекоа од српската полиција.
Како што дознава 24 Инфо, станува збор за Оливер Живковиќ(38)осуден за убиство на Ќамил Салихи (47), во декември 2003 година во Шутка.
-Живковиќ Оливер се бара по наредба на КПУ затвор Идризово,заради бегство од затвор, каде издржувал казна затвор за сторено К.Д.,,Убиство,, по чл.123 од КЗ на РМ во време траење од 14 години. Именуваниот треба да ја доиздржи казната затвор во времетрање од 5 години, пишува на сајтот на МВР.
Судскиот совет на Основниот суд-Скопје 1 во мај 2004 година ги осуди на вкупно 55,5 години затвор четворицата жители на скопската населба Шуто Оризари обвинети за убиство со предумисла на својот сограѓанин. Аднан Азири доби 14,5 години затворска казна, а иста пресуда му беше изречена и на Оливер Живковиќ. Таткото на Азир, Назим Бекиров, е осуден на 13,5 години, а последнообвинетиот Суват Бајрам – на 13 години затвор.
Според обвинението, Аднан Азир, неговиот татко Назим Бекиров, Оливер Живковиќ и Суват Бајрам во декември минатата година, во домот на Аднан во скопската населба Шуто Оризари, додека пиеле пиво почнале да се расправаат за флиперницата што во својата шупа требало да ја отвори Оливер. Ќамил наводно се противел на тој предлог, бидејќи и тој имал намера да отвори флиперница. Тогаш дошло до жестока тепачка. Како што е наведено во обвинителниот акт, Ќамил се уште давал знаци на живот, кога четворицата го ставиле во градежна количка, го фрлиле во контејнер и го покриле со најлон.
На едно од рочишта атмосферата во најголемата судница во судот за малку ќе се претвореше во тепачка. Тројца роднини на убиениот Салихи со делови од столови фрлаа кон обвинетите Азир и Живковиќ. Ситуацијата се влоши кога второобвинетиот Живковиќ даваше исказ пред кривичниот совет. Судските полицајци успеаја брзо да ги смират разлутените роднини на убиениот.
– Додека другите го тепаа Ќамил, јас плачев и се обидував да му помогнам. Тогаш Аднан ми рече дека тој ова го заслужил и дека треба да плати за своите гревови – изјави тогаш Живковиќ.
По ова еден од роднините на убиениот Ќамил фрли метална прачка од столче кон обвинетиот Аднан и го погоди во рамото. И другите обвинети пред кривичниот совет го признаа злосторството.
– Бев многу пијан и се каам за тоа што го сторив. Додека бевме кај мене дома, ни снема пијачки и јас отидов да купам пиво. Кога се вратив, ги видов другите обвинети, Суват и Назим, како го тепаат Ќамил и се обидов да ги оттргнам. Во тепачката Ќамил ми го гризна палецот и тогаш му удрив бокс. Инаку, јас не учествував во тепачката и се обидував да му помогнам – изјави Аднан Азир.