Миленкоски беше во екстрадициски притвор во Врање од 27 август годинава, а во вторникот со одлука на Апелацискиот суд во Ниш, тој е ослободен.
По пет месеци поминати во притвор, откако беше уапсен на српската граница на влез од Унгарија, по распишана меѓународна потерница, Миле Миленкоски, дипломат од македонската мисија во ОБСЕ во Виена, е пуштен на слобода и се врати во Скопје.
Миленкоски беше осомничен за вмешаност во евакуација на македонски бизнисмен осомничен за криминално делување во Ерменија, од Ереван во Виена во 2018 година. Меѓународната потерница за него ја распиша Ерменија на 25 февруари 2020 година, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веднаш по обелоденувањето на дипломатскиот скандал, соопшти дека МВР не постапило ниту по потерницата од Интерпол против Миленкоски, а и МНР не повело постапка за злоупотреба на дипломатската положба.
Миленкоски беше во екстрадициски притвор во Врање од 27 август годинава, а во вторникот со одлука на Апелацискиот суд во Ниш, тој е ослободен.
„На 28 јануари по судење во Апелацискиот суд во Ниш, се уважи жалбата на адвокатот на г. Миле Миленкоски и Судот донесе решение со кое, бидејќи „не се исполнети претпоставките за испорачување на државјанинот на РСМ Миле Миленкоски“, тој „веднаш да се пушти на слобода“ со назнака дека „жалба по ова решение на Судот не е дозволена“, се вели во одлуката на нишката Апелација.
Судот, меѓу другото, констатирал дека, од ерменска страна, „не е приложен ниту еден доказ во замолницата, односно наведените одлуки што би потврдиле основано сомневање“, не само во поглед на делата што му се ставаат на товар, туку и за неговото дејствување во рамките на „организирана група – улога“. Со тоа, судот во Ниш утврдил дека нема ниеден доказ или релевантни основи за сомнеж за делата за кои беше осомничен Миленкоски во предистражната постапка во Ерменија.
По своето враќање во Македонија, Миленковски за „Слободен печат“ изјави дека „се докажа дека правдата е достапна, иако неразумно бавна“.
– Нанесена е огромна штета врз мојата чест и углед, како и врз долгогодишната професионална дипломатска кариера, а да не говорам за огромниот стрес низ кој поминав лично јас, а и целото мое семејство – вели Миленковски.
Со статус на својот профил на Фејсбук тој се заблагодари на големата поддршка од семејството и од пријателите во сите изминати пет месеци додека беше во екстрадициски притвор во Србија. Тој додава дека очекува да го продолжи работниот однос во Министерството за надворешни работи на РСМ, што му беше ставен во шестмесечно мирување од 1 септември лани.
Во обраќање до македонската јавност во октомври лани од екстрадицискиот притвор во Врање, Миленкоски побара медиумите да се воздржат од шпекулации до расчистување на целиот случај, а надлежните органи во државата да поведат истрага што би се водела во Северна Македонија. / Слободен Печат