Денеска во Собранието претседателката и пратеничка од зелената партија ДОМ, Маја Морачанин, оствари средба со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Никола Мицевски, Антонио Милошоски и Дафина Стојаноска.
На средбата се разговараше за измена на изборниот модел за воведување една, наместо сегашните шест изборни единици.
Морачанин, како што соопштуваат од партијата, ги реафирмирала барањата на ДОМ за измена на изборниот модел со една изборна единица без праг, отворени листи и 50% жени на листите. Укажала дека иако двата предлог-закона за измена на Изборниот законик, уште пред неколку месеци се доставени во Собранието, сè уште не е започната расправата по нив и затоа ДОМ бара таа да почне во текот на овој месец. Посочила и на потребата од организирање јавна расправа со вклучување на експертската јавност и граѓанските здруженија.
„На средбата беше истакнато дека приоритет ќе биде започнувањето на собраниската дебата за предлогот за една изборна единица и дека поддршката за измените на изборниот модел не е во корелација со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори. ДОМ го прифаќа предлогот за укинување на т.н. Пржинска влада, која е неуставно и нефункционално решение. Значајно е што овој предлог доаѓа од најголемата опозициска партија, што е потврда дека во изминатите изборни процеси институциите покажале капацитет да спроведат фер и демократски избори во кои сите имаат доверба“, велат од оваа партија.
Додаваат дека ДОМ го поддржува предлогот за намалување на бројот на пратеници, со цел намалување на трошоците од буџетот. Според нив, помалиот број пратеници е дополнителна причина ДОМ да инсистира за воведување една изборна единица без праг, отворени листи и 50% жени на листите. Сметаат дека така ќе се овозможи избраните пратеници да бидат директен одраз на волјата на граѓаните, независно од ставовите на раководствата на политичките партии, што ќе придонесе за унапредување на демократијата во општеството.