Oд денеска во Италија ќе стапат во сила нови ограничувања поврзани со епидемијата на коронавирусот, вклучително и казни за невакцинирани лица постари од 50 години, кои ќе важат и за странците што живеат во таа земја.
Луѓето што влегуваат во Италија од други земји на ЕУ, кои ќе приложат доказ за целосна вакцинација или потврда дека оздравеле од Ковид-19, од вторник нема да мора да имаат и негативен тест како предуслов за влез.
Поради многу заразниот омикорн-сој, тестот досега беше задолжителен за сите, без разлика на статусот.
Од почетокот на јануари вакцинацијата против Ковид-19 е задолжителна за лицата над 50 години.
Од денеска лицата од оваа возрасна група, кои сè уште не се вакцинирани или не примиле втора доза или бустер, и покрај тоа што имаат можност да го сторат тоа, ќе бидат казнети со 100 евра.
Мерката останува во сила до 15 јуни и се однесува на сите жители на возраст над 50 години, вклучително и странски државјани.
Од 15 февруари припадниците на оваа возрасна група ќе треба да достават и доказ за вакцинација или закрепнување од болеста на работа и ќе бидат принудени да работат од далечина доколку не го сторат тоа.
Оние кои ќе ги прекршат мерките се соочуваат со казни од 600 до 1.500 евра.
Промени има и кога станува збор за купувањето.
Од денеска посетителите на книжарниците, банките или канцелариите ќе треба да покажат потврди за вакцинација или прележана болест.
Тоа не се однесува на супермаркетите и аптеките.
Во Италија, која има околу 60 милиони жители, речиси 81 отсто од вкупното население се вакцинирани против Ковид-19.