Македонската iGaming компанија продолжува да го зголемува своето пазарно присуство
По остварување на главните цели во 2021 кои вклучуваа консолидација и зголемување на пазарното присуство во светски рамки, еден од водечките провајдери на софтвер за спортско обложување, македонскиот BtoBet ја започнува 2022 со зголемен фокус на својата стратегија за раст, како на зрелиот Европски пазар, така и на пазарите во развој, каков што е Бразилскиот.
За зацврстување на постоечките позиции на старите, но и успешно позиционирање на новите пазари, неопходен е квалитетен и соодветно прилагоден производ, а според оперативниот извршен директор на BtoBet, Дима Ридерман, токму географската експанзија на компанијата е она што директно влијае врз правецот во кој се развиваат производите кои BtoBet ги нуди.
„Преференциите на играчите за обложување се разликуваат од пазар до пазар. Она што се бара на за нас клучните пазари како Африка и Латинска Америка значително се разликува од она што е неопходно за влез во Обединетото Кралство. Токму ова е почетна точка за развивање на нашата понуда за секој од пазарите, со цел да ги задоволиме различните побарувања и вкусови на играчите“, вели Ридерман.
Добар пример за потребата од прилагодување производите кои BtoBet ги нуди, инаку базирани на напредна технологија, се трките со коњи, кои иако задолжителни за пазарот во Обединетото Кралство, не претставуваат одлучувачки фактор за влез на латиноамериканскиот и африканскиот пазар. Ова важи и за „е-спортот“, кој како „производ за широка потрошувачка“ во iGaming индустријата е задолжителен за некои пазари, но не е предуслов за влез во други.
„Еволуцијата на портфолиото на BtoBet според она што пазарот го бара, како и агилноста во модификациите на деловите со кои играчите се во постојана интеракција на начин кој е сосема прилагоден на нивните потреби, се резултат на посветената работа на експертскиот тим задолжен за раст и развој на продуктите, кој во 2021 го зголемивме за повеќе од 40%“, рече тој.
Минатата година компанијата забележа значителен раст во поглед на кадарот, а според Ридерман, напредокот кој го бележат се должи на инвестирањето во човечките ресурси и регрутирањето искусни луѓе кои ја разбираат индустријата во целост и имаат експертиза особено во поглед на тоа како функционираат големите пазари кои се примарна фокусна точка на BtoBet и во 2022.