Во средата требаше да се одигра натпреварот од домашното првенство помеѓу Металург и Вардар во Автокоманда, но истиот е откажан.
Поранешниот шампион Металург е суспендиран од Суперлигата и домашниот Куп. Поради финансиските проблеми Европската ракометна федерација изминатиот викенд го суспендираше Металург од европските натпреварувања.
Тоа ќе стои сè додека не се исплатат долговите на поранешни ракометари и тренери кои го тужеа клубот и го добија спорот. Според пропозициите на РФМ, по три неодиграни натпревари, клубот се исклучува од натпреварувањето и се испраќа во најнизок ранг.
Како што беше најавено, тимот од Автокоманда за денеска закажа прес конференција за околу најновите случувања во клубот.
– Нема да се откажеме дури и доколку бидеме исфрлени од Суперлигата. Ако не успееме во нашата намера, најголеми губитници ќе бидат играчите. Ќе играме ако треба и во Првата лига, ќе продолжи клубот да функционира преку Металург РА. Многу други клубови стартувале од Прва лига, па сега имаат одлични екипи. Сите кои помислија дека дека ќе ни ги земат играчите, дека ќе ни ја земат салата, ќе морам да ги разочарам. Побаравме да се сретнеме со луѓето од Ракометната федерација на Македонија да најдеме заедничко решение на 15 дена до добивањето на ваучерот, се обративме и до Европската ракометна федерација. Од РФМ очекувам поддршка, во спротивно ќе бидам разочарана. Трите кола за исклучување од Суперлигата ќе побараме да се водат како одложени, а истите да се одиграат на крајот од месецот – рече претседателката на РК Металург, Зорица Блажевска.
Нема никакви проблеми со поранешниот играч Александар Шпенде, но се оспорува одлуката на поранешниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ, односно неговото барање (преку ЕХФ) да му се исплатат парите до крајот на договорот додека го водеше клубот. Според Блажевска тие пари се незаслужени, односно се оспоруваат останатите седум плати. Реалниот долг на РК Металург е 65.000 евра, а доколку се додадат и седумте плати на Кастратовиќ долгот достигнува до 90.000 евра.
На прашањето дали Минчо Јорданов и натаму му помага на клубот, Блажевска одговори дека ситуацијата поради пандемијата на ковид-19 станала многу потешка. Тој помогна финансиски кога требаше најмногу, поради пандемијата спортот беше ставен во втор план, и бизнисите како градежништвото беа приоритет.