Вкупниот долг е 90.000 евра, Минчо Јорданов не се откажа од Металург

Претседателката на Металург, Зорица Блажевска зборуваше на прес-конференцијата по повод суспензијата од Суперлигата. Ракометната федерација на Македонија реагираше по упатствата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и поради неисплатените плати и тужбите од Шпенде и Кастратовиќ, клубот од Автокоманда беше санкциониран.

Таа нагласи дека Металург не се откажува и ќе се бори дури и ако биде исфрлен од Суперлигата.

-Ќе побарам состанок со Ракометната федерација на Македонија. Испративме писмо и до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и во постојана комуникација сме со нив. Барам да се најде заедничко решение, бидејќи сме на 15 дена до добивање на ваучерот, што ги менува работите за нас како клуб. Трите кола за исклучување од Суперлигата ќе побараме да се водат како одложени и да се одиграат на крајот на месецот. Металург нема да згасне, дури и да биде исфрлен од лигата. Во тој случај ќе продолжи да функционира и веројатно ќе игра во Првата лига, рече Блажевска.

Таа откри дека долгот на Металург е 65.000 евра, но истиот ќе биде повисок ако се пресметаат сите плати кои Кастратовиќ ги бара (90.000 евра). Според неа, доколку не беше ковид-кризата сè ќе беше поинаку, а нагласи дека и Минчо Јорданов сè уште не се откажал од клубот.

-Долгот на клубот е 65.000 евра за овие два случаи (Шпенде и Кастратовиќ), но доколку се додадат и сите плати што ги бара Кастратовиќ, таа бројка би била 90.000 евра. Минчо Јорданов инвестираше пари кога најмногу требаше. Не може да се оспори неговата поддршка. Да не беше ковид-кризата работите ќе беа поинакви. Сите гледаат да ги спасат своите бизниси. Можам само да потенцирам дека Минчо Јорданов не се откажа од Металург, рече Блажевска.

Треба да знаете
Последни објави