Поранешнитe колеги на Нил Јанг бараат нивната музика да не се стримува на „Спотифај“

Поранешните колеги на Нил Јанг од „Крозби“ – Стилс, Неш и Јанг – во четвртокот соопштија дека побарале од своите издавачи да ја отстранат нивната музика од „Спотифај“ со што им се придружија на неколку музичари што заземаат став за дезинформациите што се шират на оваа платформа.

Минатата недела Јанг ја повлече музиката од „Спотифај“ по одбиеното барање да го отфрлат контроверзниот поткаст на Џо Роган, кој помага во ширење дезинформации за пандемијата на коронавирусот.

Фолк-рок ѕвездата Џони Мичел го следеше неговиот потег.

„Го поддржуваме Нил Јанг и се согласуваме со него дека на поткастот на Џо Роган на ‘Спотифај’ се емитуваат опасни дезинформации“, се наведува во заедничката изјава на Дејвид Крозби, Стивен Стилс и Греам Неш.

„Иако секогаш цениме алтернативни ставови, свесното ширење дезинформации за време на оваа пандемија има смртоносни последици. Сè додека не се преземе вистинска акција за да се покаже дека грижата за човештвото мора да биде балансирана со профитот, ние не ја сакаме нашата музика – или музиката што заедно ја создадовме – на таа платформа“.

Треба да знаете
Последни објави