Андреа со песната „Circles“ победи во трката за македонски претставник на Евровизијата во Торино, откако вечерва во емисијата „Стисни плеј“ на МРТ1 ги доби гласовите на жирито.
Пред камерите се претставија шесте кандидати -Ris Flower, Kaly, Yon Idy, Лара Иванова, Виктор Апостоловски и Андреа за кои граѓаните имаа можност да гласаат онлајн од 29 јануари до денеска. Сите се релативно млади музичари, кои претходно беа избрани на конкурсот кој го распиша МРТ.
Избирањето се одвиваше по пат на онлајн гласање, а гласовите од јавноста сочинуваа 50 проценти, додека останатите 50 проценти беа доделени од страна на стручно странско жири.
Во гласањето беше вклучено стручно жири од Малта, Израел, Грузија, Исланд и Ерменија, односно луѓе кои биле членови во евровизиските делегации на нивните земји. Според жирито, најмногу гласови освои Андреа со песната „Circels“.
Од страна на јавноста, својот глас го дале 30.756 гласачи на онлајн платформата.
Според гласовите од публика, Виктор освои 12.621 глас, зад него се најдоа Kaly,, Андреа, Yon Idy, Ris Flower и Лара со најмал број на гласови,односно 1.186. На крајот Виктор и Андреа имаа изедначен број на гласови, но според правилникот, пресуден беше бројот на највисоки оценки од жирито.
Победничката мелодијата е дело на Александар Масевски, кој е автор на музиката, аранжманот и коавтор на текстот заедно со Андреа.
-Нема да ве разочараме, ќе ја оправдаме довербата, порача возбудено младата пејачка, која е активна на сцената помалку од две години и нејзините песни се на англиски јазик.