Нотингем го исфрли Лестер од ФА купот, гневен навивач му удри тупаница на фудбалер

Традиционалното дерби на Источен Мидлендс помеѓу Нотингем форест и Лестер сити донесе до најголемото изненадување досега во ФА купот, откако второлигашот со 4:1 ги совлада „лисиците“ за да го елиминира актуелниот носител на куп-титулата од натпреварувањето.

Исходот на мечот беше решен во луди осум минути во првото полувреме во кои Форест стигнаа до 3:0 водство со головите на Цинкернагел (23.), Џонсон (24.) и Ворал (32.). Лестер вратија бргу еден гол во 40. минута преку Келечи Ихеаначо, меѓутоа Спенс во 61. минута зголеми на 4:1.

Тогаш гостински фан го искористи невниманието на обезбедувањето и не само што се симна на теренот, туку успеа и да удри фудбалер на Нотингем. Очекувано, неодговорниот фан доби одговор и од фудбалерите, пред да биде исфрлен од стјуардите, а полицијата потврди дека веднаш го уапсила.

Инаку мечот во Нотингем беше проследен со хаос на улиците на градот во Мидлендс, откако голем број на навивачи на Лестер се тепаа со локалните жители и правеа голем проблем во локалните пабови.

Треба да знаете
Последни објави