Трипл-дабл за Јокиќ и Дончиќ, Сиксерси подобри од Булси

Лука Дончиќ имаше свое шоу на дуелот против Атланта, помагајќи му на Далас да стигне до значајна победа. Иако се соочи со проблеми со личните грешки, Словенецот успеа да стигне до трипл дабл од 18 поени, 10 скокови и 11 асистенции.
Имаше голема помош и од Џејлен Брансон со 22 поени. Џон Колинс со 22 поени и 18 скока беше најдобар кај Хоукс, а очајна шутерска вечер имаше Тре Јанг со 17 поени, но не погоди ниту една тројка од шест обиди.

Со тоа, Дончиќ влезе во елитно друштво, меѓу десетте играчи со најмногу трипл-дабл изданија во историјата на НБА-лигата. Ѕвездата на Далас со денешното издание има 45 вакви средби, оставајќи го зад себе Левер на 11. позиција.

Следен на листата кого Дончиќ ќе го мине е легендарниот Лери Бирд, кој има 15 трипл-дабл натпревари повеќе од суперталентираниот Словенец. Убедливо прв на врвот на листата на играчи со најмногу трипл-дабл средби е Расел Вестбрук, дури 193.

Денвер му го нанесе осмиот пораз по ред на Бруклин во НБА-лигата и тоа со 124-102.

Никола Јокиќ ги предводеше Нагетс со 27 поени 12 скока и 10 асистенции, додека Вил Бартон имаше 21 поен. Кај Нетс, кои беа без Кевин Дурент и Џејмс Харден, најмногу се истакна Кајри Ирвинг со 27 поени и 11 асистенции.

Демар Дерозан постигна 45 поени за Чикаго, но тоа не беше доволно за победа против Филаделфија, која славеше со 108-119. Џоел Ембид имаше 40 поени и 10 скока за Сиксерс.

Треба да знаете
Последни објави