Црногорската Агенција за заштита на животната средина соопшти дека организира потера по младенче лав, кое наводно му побегнало на сопственикот во Будва кон крајот на јануари.
Во поканата испратена до граѓаните се наведува дека утре пред седиштето на Агенцијата во Подгорица ќе се организира транспорт до Будва со цел да се пребара теренот и биолозите да го лоцираат и фатат младенчето лав. Учеството во акцијата е на доброволна основа.
Како што се наведува, лавот, доколку биде пронајден, ќе биде сместен во привремено живеалиште пред да се најде трајно решение.
Кон крајот на јануари, црногорските медиуми објавија дека младенче лав избегало од дворот на странски државјанин кој го чувал животното како домашно милениче.
Црногорската полиција тогаш соопшти дека работи „на утврдување на околностите како младенче лав во сопственост на странски државјанин воопшто влегло во Црна Гора“.
Полицијата започна локална потрага по животното, но безуспешно.