Македонскиот олимпиец Дардан Дехари доживеа голем пех за време на подготовките за настапот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, откако на тренинг си ги скинал лигаментите на коленото.
Македонскиот олимписки комитет (МОК) преку социјалните мрежи испрати соопштение со кое ја информираше јавноста за повредата на Дехари.
„На денешниот тренинг во Јанкинг, за време на подготовките за своето прво учество на зимските Олимписки игри ПЕКИНГ 2022, Дардан Дехари незгодно падна при што тешко го повреди десното колено.
По првите консултации меѓу докторот Лубомир Огњеновиќ, кој е во Пекинг, кинеските доктори и претседателот на Здравствената комисија на МОК, д-р Небојша Настов, станува збор за кинење на предниот вкрстен лигамент на десното колено и Дардан Дехари итно ќе биде опериран.
Да потсетиме дека Дардан Дехари, кој го носеше македонското знаме на церемонијата на отварање на зимските Олимписки игри, требаше да настапи на трките во слалом и велеслалом кои се на програмата на Олимписките игри на 13 и 16 Февруари.
Да му посакаме на Дардан успешно опоравување од оваа тешка повреда и што побрзо враќање на скијачките терени“, соопштија од МОК.