Тотенхем шокиран дома од Саутемптон, Сити рутински со Брентфорд

Англискиот фудбалски шампион Манчестер Сити забележа нова победа во Премеир лигата, откако пред својата публика беше сигурен на дуелот со новајлијата Брентфорд, совладувајќи го со 2-0.

„Граѓаните“ на Пеп Гвардиола одново имаа големи проблеми со вредните „пчели“. Сити на нивниот прв меѓусебен натпревар оваа сезона до трите бода стигна со еден погодок, откако човек на одлука беше Фил Фоден, додека вечерва посакуваната победа му ја обезбедија Ријад Марез и Кевин Де Брујне. Алжирската ѕвезда во 40. минута беше сигурен реализатор од белата точка и ја продолжи голгетерската форма, која што ја започна со двата гола на ФА Куп мечот со Фулам од пред неколку дена, додека Де Брујне конечните 2-0 ги постави во 69. минута.

Покрај шампионот, вечерва огромна победа забележа и тимот на Саутемптон, кој на гости на „Тотенхем Стадиум“ со неверојатен пресврт во самиот финиш славеше над Тотенхем со 2-3.

Гостинскиот дефанзивец Беднарек со автогол во 18. минута го отвори резултатот, но на полувреме се замина со егал резултат, откако Броја погоди за 1-1. Во вториот дел Лукас Моура го пронајде Сон, кој со сигурна реализација стрелаше за 2-1 и нова домашна радост. Сепак, „светците“ не се предадоа и уште еднаш покажаа дека знаат да им застанат на патот на гигантите. Во 80. минута Мохамед Елиунуси се погрижни за 2-2, додека две минути подоцна Че Адамс го шокира фаворитот и ги постави конечните 2-3.

За разлика од мечевите во Манчестер и Лондон, на кои имаше победник, вечерва, во Норич домашниот тим и Кристал Палас го поделија пленот. „Канаринците“ поведоа по само една минута игра, со голот на финскиот ас Пуки, додека посакуваниот бод на лондончани им го донесе Вилфред Заха во 60. минута. Само три минути подоцна одличниот офанзивец имаше голема можност за целосен пресврт, но не го погоди ударот од белата точка.

Треба да знаете
Последни објави