Легендарниот британски пејач и текстописец Стинг го продаде својот музички каталог на „Јуниверзал мјузик паблишинг груп“ (UMPG), соопшти компанијата во четвртокот.
Договорот ги опфаќа сите соло песни на Стинг, како и оние кога тој беше со рок-бендот „Д’ Полис“ – вклучувајќи ги класиците Every Breath You Take, Roxanne, Shape Of My Heart, Message in a Bottle, Fields Of Gold, Desert Rose и Englishman in New York меѓу другите
Universal Music Publishing Group (UMPG), издавачката гранка на „Јуниверзал мјузик груп“ (UMG), не ги откри финансиските детали за договорот, кој ги обединува музичкото издаваштво и снимените песни на Стинг, додека извори запознаени со предметот изјавија за „Ројтерс“ дека договорот е проценет на 300 милиони долари.
„Д’ Полис“, чиј ко-основач, фронтмен и басист беше Стинг, објави пет студиски албуми помеѓу 1978 и 1983 година. Стариот бенд на пејачот имаше низа хитови како Every Breath You Take, Roxanne и дуги.
Стинг кога беше дел од The Police, заедно со Енди Самерс и Стјуарт Коупленд.
Потоа продолжи да гради успешна соло кариера. Како соло уметник, објави десетина студиски албуми, почнувајќи од The Dream of Blue Turtles („Сонот на сините желки“) од 1985 година. Неговиот последен запис The Bridge беше објавен во ноември.
Има освоено 17 „Греми“ и три „Брит“ награди.
„Апсолутно ми е од суштинско значење целиот мој опус да има дом каде што ќе се цени и почитува – не само да се поврзам со долгогодишните фанови на нови начини, туку моите песни да ѝ ги претставам на нова публика, на нови музичари и генерации“, изјави 70-годишниот Стинг, кој во поголемиот дел од својата кариера е со светската етикета „Јуниверзал“.
Овој потег е најнова голема аквизиција на издавачката групација, откако склучи договор со Боб Дилан во 2020 година.
Исто така, доаѓа во време кога дискографските куќи и инвестициски фирми ги откупија правата на песни и снимки од бројни музичари како Дејвид Боуви, Флитвуд Мек и Тина Тарнер, како и Блонди, Тејлор Свифт, Дејвид Гета и Шакира.