Џенифер Лопез и Овен Вилсон се на чело на актерскиот тим на новата романтична комедија „Омажи се за мене“ (Marry Me), а според некои рецензии, ова е филм која се обидува повторно да го долови духот на класикот „Нотинг Хил“ од 1999 година.
Во „Нотинг хил“ со Џулија Робертс и Хју Грант во главните улоги, се поставува прашање дали славна актерка може да започне врска со човек вработен во книжарница.
А во „Омажи се за мене“, поп ѕвезда импулсивно се мажи за странец откако открива дека нејзиниот вереник ја изневерува.
Во оваа романтична комедија во режија на Кет Коиро, Овен Вилсон глуми професор по математика, кого неговата пријателка (Сара Силверман) го носи на концерт на Кет Валдез (Џенифер Лопез), мегаѕвезда која треба да се омажи со своето момче суперѕвезда Бастијан (Малума) среде концерт.
Гламурозната двојка, исто така, треба да го изведе својот најнов сингл, Marry Me. Но, неколку моменти пред нивната венчавка, Валдез гледа видео кое ќе стане вирално, а на кое Бастијан ја изневерува со нејзината асистентка.
Зашеметена, таа излегува на сцената и го здогледува Чарли, кој држи напишана порака Marry Me што му ја подметнала неговата ќерка. Во момент на лудило, ѕвездата ја прифаќа понудата да се омажи за него.
„Ова е смешно, се разбира. Целата поента на Marry Me е дека тоа е бајка. Како поинаку да се опише љубовна приказна која започнува со тоа што Кет го отфрла неверниот партнер, и, на концертот што требаше да биде нивна венчавка во живо, го избира тотално непознатиот Чарли од толпата за да се омажи за него, а потоа и се вљубува,“ пишува „Холивуд репортер“.