Поранешниот македонски репрезентативец Горан Пандев блесна во победата на Парма од 4-1 против Порденоне, откако влезе како резерва во второто полувреме, по што постигна гол, асистираше, но потоа се повреди и мораше да го заврши мечот предвреме.
Ди Серио го шокираше новиот тим на Пандев во 12. минута од средбата, откако погоди за водство од 1-0 на Порденоне, меѓутоа сè се промени во второто полувреме, кога Пандев во 55. минута израмни на 1-1 и го најави големиот пресврт.
Пандев веднаш потоа запиша и асистенција на натпреварот, откако една топка искористи неговиот колега Ман и погоди за целосен пресврт (2-1) во 67. минута, а Васкез со уште еден гол во следните 120 секунди зголеми на 3-1.
Македонскиот интернационалец мораше да ја напушти играта во 71. минута поради болка во грбот, а засега не е познато каква е тежината на повредата, по што Бенедичак погоди за конечни 4-1 во завршницата.
Парма ја прекина серијата од три натпревари без победа, па така со новите три бода сега има 28 и се искачи на 11. позиција во Серија Б и има четири бодови помалку од местата кои водат во плејофот за промоција во Серија А.