Актуелниот шампион во Серија А Интер одигра 1:1 на гостувањето кај Наполи во една од двете дерби пресметки во 25 коло.
По поразот од Милан во претходното коло (2:1), „неразурите“ сега играа со уште еден конкурент за титулата и овој пат успеаја да останат непоразени и да го задржат првото место на табелата најмалку до утре кога „росонерите“ играат против Сампдорија.
Наполи многу подобро го отвори натпреварот на стадионот „Диего Марадона“ и поведе уште во седмата минута по голот на Лоренцо Инсиње одпенал.
Наполи до крајот на првиот дел можеше да ја зголеми предноста бидејќи Пјотр Зиелински ја погоди стативата, а Виктор Осимен шутираше покрај голот.
На стартот на продолжението, Един Џеко постигна гол по еден карамбол и израмни на 1:1, резултат кој се покажа како конечен и покрај добрите шанси на „наполитанците“, од кои најзрела беше онаа на Елиф Елмас.
Македонскиот репрезентативец не беше стартер, но брзо доби шанса по повредата на Политано (26 минута), а токму нашиот „дијамант“ имаше огромна шанса да постигне гол во 69-та минута.
Елмас се најде во одлична ситуација и биеше како што треба, но на висина на задачата беше искусниот Хандановиќ кој спречи гол на Македонецот, кој повеќе од веројатно ќе имаше значење на дерби победа во Неапол.