Трипл дабл, но и девет изгубени топки на Јокиќ во поразот од Бостон

Никола Јокиќ одигра уште еден извонреден натпревар за Денвер, но и тоа беше недоволно за Нагетси да слават на гостувањето против Бостон (108-102). Србинот имаше трипл-дабл ефект уште во третата четвртина, по само 26 минути минати на теренот. Сепак, МВП-то на НБА лигата на крајот прерасна во трагичар на натпреварот со неколку промашени шутеви и девет загубени топки, од вкупно 21 на својот тим што на крајот беше клучно за поразот на Нагетси.

„Тоа ни се случува секоја вечер. Некогаш сме подобри, некогаш полоши, но со толку загубени топки се поставивме во лоша ситуација“, вели Јокиќ.

Денвер имаа 11 поени предност во првата четвртина и 9 поени на полувреме, но во второто полувреме домаќините се покажаа пресилни. Сепак, како пресудна се покажа последната четвртина што Бостон ја доби со 32-23 и стигна до победата. Јокиќ го заврши мечот со 23 поени, 16 скокови и 11 асистенции, но како и многупати досега немаше соодветна помош од соиграчите. Во таборот на Бостон најефикасни беа Тејтум со 24 и Смарт со 22 поени.

Филаделфија триумфираше над Оклахома со 100-87, меч на кој домаќините се уште не можеа да сметаат на големото засилување Џејмс Харден. Центарот Ембид повторно беше доминантен со 25 поени и 19 скокови, додека Макси придонесе со 24 поени за овој триумф на Филаделфија.

Чикаго благодарение на фуриозниот напад во последната четвртина (42 поени) стигна до триумф над Минесота од 134-122. Дерозан ги предводеше стрелците на овој меч со 34 поен, а најефикасен во таборот на Минесота беше Едвардс со 31 постигнат поен.

Детроит – Шарлот 119-141, Индијана – Кливленд 113-120, Филаделфија – Оклахома 100-87, Атланта – Сан Антонио 121-136, Бостон – Денвер 108-102, Чикаго – Минесота 134-122, Јута – Орландо 114-99

Треба да знаете
Последни објави