Ливерпул рутински против Барнли, нов пораз на Тотенхем

Фудбалерите на Ливерпул запишаа минимална победа на гостувањето на „Турф Мор“ кај Барнли со 0-1 (0-1) во рамките на 25. коло на Премиер лигата. Избраниците на Јирген Клоп ја завршија својата задача речиси рутински и прокнижија три бода и заштедија сили за дуелот во Лигата на шампионите против Интер.

Домаќинот Барнли тргна добро и се закани преку Вегхорст и Родригез, но резултатот го отвори Фабињо и Ливерпул поведе. Бразилецот го постигна својот петти погодок од стартот на новата година и во 40. минута, откако искористи одбиена топка и ја смести во мрежата на Поуп (0-1).

Во второто полувреме „црвените“ играа сигурно, не притискаа, бидејќи немаа потреба и рутински ја вршеа својата работа. И покрај тоа што беа резервирани, гостите од Ливерпул беа блиску до втор погодок преку Фирмино, а во завршницата се закани и Жота. Момците на Клоп се второпласирани со 54 бода, девет помалку од Манчестер Сити и натпревар помалку.

Вулверхемптон во третиот обид оваа сезона го совлада Тотенхем и стигна до трите бода во Лондон (0-2). Гостите во главниот град на Англија со два погодоци во првиот дел го решија прашањето за победникот.

Само шест минути му беа потребни на Мексиканецот Раул Хименез да го отвори резултатот и го матира Лорис. Веќе во 18. Волвс стигна до двојна предност преку Леандер Дендонкер, кој искористи одбиена топка и ги постави конечните 0-2. Тотенхем немаше сили да се врати во натпреварот, гостите се закануваа преку Хименез во два наврати и Поденс, а за „петлите“ своите шанси не ги искористија Кулушевски и Ромеро.

Победа запиша и екипата на Њукасл Јунајтед, која полека, но сигурно се издвојува од опасната зона. Најбогатиот тим на светот со погодокот на Киеран Трипие во 35. минута ја победи Астон Вила на „Сент Џејмс Парк“.

Треба да знаете
Последни објави