Барселона се извлече од непријатен пораз во каталонското дерби против Еспањол (2-2), а херој на гигантот беше Лук Де Јонг, кој постигна гол во последната минута од судиското надополнување и им донесе бод на соиграчите за да се израмнат со Атлетико Мадрид на табелата во Ла Лига.
Еспањол имаше лоша серија од едно реми и три порази на последните четири меча, а ниту денешниот натпревар не им почна најдобро затоа што Педри ја затресе нивната мрежа по само две минути игра.
Дардер ја врати надежта кај Еспањол дека може да се надева барем на бод од натпреварот, меѓутоа Де Томас ги израдува неговите соиграчи и тренерот во 64. минута кога погоди за 2-1.
Во судиското надополнување беа доделени и два црвени картони, по еден на двете страни, а беа исклучени Пике и Меламед. Се чинеше дека Еспањол ќе дојде до триумф, и кога се очекуваше крај, Адама Траоре упати одличен центаршут, Лук де Јонг погоди со глава и донесе реми за Барселона.
Барселона со денешното реми се израмни со Атлетико Мадрид по број на бодови, па сега имаат по 39 и го делат четвртото место во Ла Лига.