Заврши серијата без пораз на Еурофарм Пелистер. По пауза од четири месеци македонскиот вицешампион ја вкуси горчината на поразот на ракометниот терен, откако во првото овогодишно коло во Европската лига немаше сили до крај да се надигрува со фаворизираниот француски домаќин, Ним, кој извојува победа од 25-23.
Сите планови и подготовки на пелистерци за овој меч паднаа во вода по редовното тестирање пред да се замине за Франција. Жељко Бабиќ остана без услугите на Мараш и Обрадовиќ, кои добија позитвни резултати за ковид-19, а поради болест не отпатува ниту капитенот Периќ, па во последен момент беше приморан да крои нова тактика за одмазда за болниот пораз во „Боро Чурлевски“. Во Ним, хрватскиот стратег доживеа уште еден удар и не можеше да смета ниту на крилата Божиќ-Павлетиќ и Ојлески, и во ростерот на располагање имаше само дванаесет ракометари.
Воведните минути од натпреварот донесоа прва одбрана на Секељи и гол на Граџан за 0-1 за „зелено-белите“. Мандалиниќ, Табоада и Велковски ги задолжија бековските позиции во нападот на битолчани, а токму хрватскиот ас со својот гол првенец израмни на 3-3, во шестата минута. Кај домаќините супер-расположен на стартот беше Санад со три гола во низа, но Секељи со одбранет пенал ја прекина серијата на египетското крило и Табоада погоди за ново водство на македонскиот тим (3-4).
Подвижната и цврста одбрана на пелистерци му зададе многу проблеми на домашниот тим, додека на спротивната страна Граџан го користеше секој простор и секоја топка и со својот втор погодок го одведе својот тим за првпат на плус два гола позитива (5-7). Во моментите кога сè им одеше на пелистерци, следуваа две грешки во одбраната и исклучувања на Маџовски и Кукоски за само неколку секунди и Ним искусно го искористи тоа и го презеде водството (8-7). Серијата на домашниот тим не донесе дополнителни проблеми во редовите на македонскиот тим, кој до крајот на полувремето одигра во ист стил, но на пауза замина со негатива од само еден гол (13-12).
Вториот дел започна како и првиот – со два погодока на босанскиот кружан напаѓач Елмир Граџан и одбрана на Секељи, за нова промена на водството, а крилата Костески и Маџовски со два врзани гола по подолг период го искачија својот тим на два гола позитива (14-16). Новите исклучувања во битолскиот табор пак донесоа проблеми и Ним ја презеде контролата врз натпреварот и откако поведе со два гола не го испушти водството до последниот судиски свиреж. Францускиот тим во 55. минута за првпат се искачи на „плус три“ и на крај славеше со 25-23.
Граџан со седум гола и Маџовски и Табоада со по четири беа најпрецизни за битолскиот тим, додека за домашниот тим Санад имаше девет погодоци. Еурофарм Пелистер за седум дена го чека нов европски предизвик. Во Битола доаѓа швајцарски Кадетен, додека викендов ќе мора да ги заврши домашните обврски и во Скопје гостува кај Пролет.