Најпознатата и најголема трка за жени во земјата, оваа година заокружува една цела декада исполнета со големи успеси, резултати, рекорди, зголемена свесност за негување на здрави навики и здрав животен стил, како и сè побројни учеснички со секоја нова стартна линија.
Во организација на Сојуз на Спортови на Скопје и под покровителство на Град Скопје, на 10 април 2022 (недела), ќе се одржи 10то издание на Авицена Женска трка во Скопје.
Денес, (16.02.2022) во 12:00 часот и официјално започнуваат пријавите за оваа 3 км трка, а секоја заинтересирана има можност да се пријави најдоцна до 4 април 2022. Овој рок за пријавување ќе се смета и како рок за уплата на котизацијата. Котизацијата до 07 март 2022 ќе изнесува 250 денари, а до 04 април 2022 ќе изнесува 350 денари.
Пријавувањето и регистрацијата за Авицена Женска трка 2022, секоја ќе може да го направи истото преку официјалната веб страница на Авицена Женска трка www.zenskatrka.mk или преку www.smartrace.club.
Стартот, како и целта на трката ќе бидат позиционирани на паркингот во Градскиот Парк во Скопје (во близина на Ресторан „Балканика Рустикана“), а се планира да се трча еден круг од 3 км низ Градскиот Парк. На 10 април, трката се очекува да започне во 09:00 часот, прогласувањето на најдобрите ќе започне во 09:45 часот , а лотаријата ќе започне во 10:00 часот.
На денот на оваа трка со натпреварувачки карактер, нема да биде дозволено пријавување, а организаторот ги повикува сите дами и спортски ентузијастки да се пријават најдоцна до 30 март 2022 година, со цел да добијат можност своето име да биде испишано на стартниот број.
Трите најдобро пласирани учеснички во генералниот пласман, а воедно и победнички, ќе се здобијат со награди, а ќе има награди и за најдобрите три по возрасни категории (според Chip Time).
Категориите на учесничките ќе бидат поделени во 7 групи, или поточно, категорија 1 – учеснички до 12 години, категорија 2 – учеснички до 14 години, категорија 3 – учеснички до 18 години, категорија 4 – учеснички до 30 години, категорија 5 – учеснички до 40 години, категорија 6 – учеснички до 50 години, и категорија 7 – учеснички над 50 години.
По стартот на трката и прогласувањето на најдобрите, за учесничките ќе биде организирана и лотарија со извлекување на среќни стартни броеви од сите учеснички, па затоа организаторот ја охрабрува секоја учесничка да остане до самиот крај на настанот, – можеби среќната 10ка оваа година ќе донесе подароци на оние, кои најмалку очекуваат. Подароците ќе бидат обезбедени од партнерите на трката.
Подигнувањето на стартните пакети ќе се оддржи на 8 и 9 април 2022, а секој пакет вклучува, – стартен број со чип, дигитален стартен пакет, вода, учество во лотарија, осигурување, подароци од спонзорите. Од Сојуз на Спортови на Скопје, потсетуваат, – подигнувањето на стартниот пакет ќе може да биде направено лично од секоја учесничка. Право на учество во Авицена Женска трка 2022 имаат сите припаднички на женскиот пол, без ограничување на возраст.
Сојуз на Спортови на Скопје за претстојната Авицена Женска трка 2022, најавува организација под протоколи, коишто ќе бидат актуелни во моментот на одржување на трката, а се пропишани од Комисијата за заразни болести. Секој учесник ќе треба да ги прифати условите за учество при самиот процес на пријавување. Во случај на презакажување на трката, заради влошена епидемиолошка состојба во државата, уплатените средства не се рефундираат, пријавата ќе важи за следната трка.
Повеќе информации за Авицена Женска трка 2022 може да се добијат на следниот линк: https://www.facebook.com/events/287170226817471/?ref=newsfeed