Кој е подобар актер, Вил Смит или Дензел Вашингтон? Несомнено е дека секој има свој став, а дебатата на интернет трае веќе подолго време.
Вил и Дензел не може да се споредат како актери иако интернетот сè уште се обидува.
Дури и новинарите еднаш побараа мислење од Дензел. „Тој има многу повеќе пари од мене“, се пошегува тој.
Сега кога двајцата ќе се соочат на „Оскарите“ бидејќи се номинирани во иста категорија – најдобар актер во главна улога, прашањето повторно се наметна како тема во шоу-биз медиумите.
За почеток, вреди да се види колку биле успешни досега на наградите што ги доделува Академијата за филмски уметности и науки.
Смит претходно беше номиниран за филмовите Ali од 2002 година и The Pursuit of Happiness од 2007 година. Статуетката, сепак, никогаш не заврши во неговите раце. Оваа година тој е номиниран за улогата во драмата King Richard („Крал Ричард“), биографски филм за таткото на тениските ѕвезди Венус и Серена Вилијамс.
Вашингтон имаше многубројни номинации во повеќе категории и досега освои две статуетки, за Training Day и Glory. Оваа година e номиниран за улогата во The Tragedy of Macbeth („Трагедијата на Магбет“) – адаптација на драмата стара 400 години – во која го портретира еден од најпознатите ликови на Вилијам Шекспир.
Кога ќе се споредат номинациите и освоените „Оскари“, јасно е зошто голем број коментатори се одлучија за Вашингтон во оваа дебата. Но, во одбрана на Смит, тој повеќе се посвети на шоу-бизнисот, сака да стане најголемата филмска ѕвезда во светот, па наградите не му се толку важни.
Вашингтон, од друга страна, внимателно ги избира своите улоги и, како што го опиша Мајкл Б. Џордан, се усовршува како актер за главни улоги.