Турската јавност ги одбројува деновите до отворањето на мостот „Чанаккале 1915“, бидејќи сега се завршени завршните работи и асфалтирањето.
Импозантниот мост, кој ги поврзува Европа и Азија преку Дарданелите, треба да биде пуштен за сообраќај на 26 февруари, пред официјалното отворање на 18 март, на 107-годишнината од битката на турскиот полуостров Галиполи во Првата светска војна.
Мостот ќе го скрати времето на патување меѓу Азија и Европа на само шест минути, пишува Дејли Сабах, додавајќи дека патувањето со траект меѓу европската и анадолската (азиска) страна на Дарданелите трае околу 30 минути, а дека фериботот понекогаш се откажува поради бурно време.
„Мостот Чанаккале 1915 ќе биде најдолгиот висечки мост во светот, со вкупна должина од 4.608 метри, со распон меѓу носечките столбови од 2.023 метри, должина што ја симболизира 2023 година.
Пилоните, во форма на артилериски гранати како дел од битката кај Галиполи, се високи 318 метри и обоени во црвено-бело, односно во боите на турското знаме.
Изградбата започна во март 2018 година, а проектот чинеше вкупно 3,1 милијарди евра, 100 милиони евра повеќе од планираното, поради влијанието на пандемијата и зголемените цени на материјалите
Покрај намалувањето на времето на патување, проектот ќе обезбеди интеграција на пристаништата во регионите на Мармара и Егејското Море во сите транспортни системи.
Овој мега-проект, кој го спроведува конзорциум од јужнокорејски и турски компании, ќе биде четврти мост во Турција и петти пат што ги поврзува Азија и Европа, по Мостот на мачениците на 15 јули, мостот Фатих Султан Мехмет, мостот Јавуз Султан Селим , Железнички тунел Мармарај и Евроазиски тунел.