Екипите на Каљари и Наполи одиграа нерешени 1-1 (1-0) во рамките на 26. коло на Серија А на „Сардења Арена“. Ељиф Елмас одигра цел натпревар, но неговата екипа изгледаше бледо и непрепознатливо, па така и Наполи зеде удел во „колото на киксови“.
Интересно, овој викенд во Серија А првите шест екипи на табелата не успеаја да запишат победа. Милан одигра реми со Салернитана, Интер загуби од Сасуоло, Јуве одигра реми со Торино, Аталанта беше поразена од Фиорентина и Лацио не го победи Удинезе. Така, избраниците на Лучијано Спалети наместо да бидат најголем победник на колото и да го преземат лидерското место останаа третопласирани.
Првото полувреме на Сардинија беше целосно изедначено, се играше на средината на теренот и речиси и немаше шанси за издвојување. Сепак, темпото значително се крена по паузата, а прв се закани Каљари. Деиола имаше одлична шанса и биеше близу крај голот, па Гастон Переиро успеа да го матира Оспина за 1-0 во 58. минута.
Непретпознатливоста на Наполи беше видлива најмногу поради фактот дека не успеаја да направат вистинска шанса за гол, иако веќе губеа. Напротив, Деиола, Базели и Марин испуштија добри шанси за удвојување на предноста.
Мала утеха за „партенопеите“ беше погодокот на Виктор Осимен во 87. минута од натпреварот, откако одлично се снајде и со глава погоди по центаршут на Руи за 1-1 и бод на Наполи.
Милан останува на врвот со 56 бода, пред Интер со 54 и Наполи со 53 поени, но двете екипи имат натпревар помалку.