Бурата Јунис ја собори Њутновата јаболкница во Кембриџ

Ботаничката градина на Универзитетот во Кембриџ ја загуби својата Њутнова јаболкница во бурата Јунис.

Кустосот на градината, Семјуел Брокингтон, вели дека дрвото било засадено во 1954 година и дека стоело на влезот од ботаничката градина „Бруксајд“ цели 68 години.

Тој рече дека дрвото е клон на она што го навело Исак Њутн да ги открие законите на гравитацијата, пишува Би-би-си.

Оригиналното дрво од кое паднало јаболкото, кое го инспирирало Њутн да ја осмисли својата теорија за гравитација, се наоѓа во Вулсторп Манор, во Линколншир. Иако паднало во бура во 19 век, дрвото преживеало и во текот на годините се размножувало со калемење.

Брокингтон рече дека анализата покажала оти три дрвја во Кембриџ, вклучувајќи го и она во ботаничката градина, се клон на оригиналната јаболкница на Њутн. Иако падот на дрвото во бурата во петокот е тажна загуба, тоа веќе било во критична состојба бидејќи го нападнала габа.

Ботаничката градина веќе е во процес на добивање потомок на Њутновата јаболкница со калемење, изјави Брокингтон.

Најмалку девет лица загинаа, многумина од паднати дрвја во бурата Јунис, која ги погоди Ирска, Велика Британија, Белгија и Холандија, оставајќи околу 400.000 луѓе без струја во Британија.

Треба да знаете
Последни објави