Зајков од Украина: Засега останувам во Полтава, тука се е нормално

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков минатиот месец потпиша договор со украинска Ворскла на две ипол години, а во моментов е во Полтава каде што се подготвува за првиот натпревар со новиот тим, иако Украина е пред војна со Русија.

Зајков во изјава за „Телма“ кажа дека во градот сè функционира нормално и не владее паника, иако веќе неколку денови ситуацијата меѓу соседите Украина и Русија е напната и пред ескалација.

„Го слушнав апелот на Министерството за надворшени работи, но по разговорот со админстрацијата на тимот бевме убедени дека ситуацијата не е толку сериозна и нема простор за паника. Доколку нешто се промени, ќе нè известат нас, а дотогаш треба да ги следиме инструкциите од клубот. Засега не планирам да се враќам во Македнија, ситуацијата е смирена. Украинците велат дека оваа ситуација во Донбас трае веќе осум години и секоја година се случуваат истите тензии. Луѓето си функционираат нормално, отворено е сè, нема ништо необично“, вели Зајков.

Македонецот се очекува да дебитира за екипата на Ворскла на 27 февруари, а кажа дека во моментов се чувствува добро и со нетрпение го чека мечот во март против Италија во мундијалскиот бараж.

„Постојано размислувам за бараж-натпреварите. Се надевам дека ќе ја израдуваме цела нација и ќе се пласираме на Светско првенство“, кажа стоперот.

Треба да знаете
Последни објави