Шкупи направи нов голем исчекор кон шампионската титула и овие десет бодови предност на 12 кола до крајот делуваат скоро недостижни во завршницата од сезоната за Шкендија, која иако се обидуваше да дојде до победа наиде на силен отпор од Пандевци, кои неколкупати и со брзи противнапади доаѓаа во ситуација да дадат гол и да победат, но или малку недостигаше во ударите или Костадин Захов беше на ниво за да го одбрани голот.
Сандеј Адетунџи, првата ѕвезда на чаирчани даде нови два гола и дојде до 15 сезонски погодоци во триумфот на Шкупи против Тиквеш, а сефте гол за лидерот даде и зимското засилување од Бразил, Кевен, кој ја најави победата против кавадарчани.
Двапати Тиквеш успеа да се врати во мечот, прво со гол на Стојков на 13 минути пред крајот, а потоа и преку Нгоба пред самиот крај, но тимот на Влатко Костов не можеше на крај да дојде до бод и да го шокира лидерот, кој со третата победа во низа пролетва сега дојде до 51 бод, десет пред Шкендија која е на 41 бод, а третата Академија Пандев има 39 бода на контото.